ЕУРО: Белгија со пресврт до победата над Данска

Фудбалската селекција на Белгија го обезбеди пласманот во осминафиналето на Европското првенство, откако во четвртокот во второто коло од Групата Б во Копенхаген по извонредно бледо прво полувреме со пресврт ја совлада Данска со 2:1, остварувајќи ја и втората победа на турнирот.

Данска поведе уште во 2 минута со голот на Јусеф Поулсен, но Белгијците кога во второто полувреме заиграа многу поангажирано и со најдобрата постава, успеаја да дојдат до победата со погодоците на Торган Азар во 55 минута и Кевин де Брујне во 70 минута.

Натпреварот започна со шок за Белгија. Стоперот на Лион, Џејсон Денејер, згреши во додавањето и данскиот напаѓач Јусеф Поулсен тоа го искористи и по само 99 секунди од натпреварот ја доведе својата селекција во водство. Ова е вториот најбрз гол во историјата на европските првенства. Првото место и натаму го држи Русинот Дмитриј Киричеко кој против Грција на ЕУРО 2004 беше стрелец по 65 секунди игра.

Веќе во 5 минута продолжија шоковите за Белгија, кога Јоаким Махле се проби во противничкиот шеснаесетник, но шутираше по средината на голот и Тибо Куртоа го одбрани ударот. Но фаворизираната Белгија не се разбуди и по оваа закана и продолжи да „оди по жица“. Во 13 минута Поулсен нафрли во казнениот простор, а Микел Дамсгард шутираше во пад од тешка позиција од седум метри, но топката отиде крај голот. Играчот на Сампдорија повторно имаше шанса и во 35 минута, овојпат Дамсгард позицијата за шут ја избори со дриблинзи, но и овој негов обид беше непрецизен.

Белгија во првиот дел играше без никаква идеја, неповрзано и сосем безопасно по данскиот гол. Меѓутоа, селекторот Роберто Мартинез на полувремето го направи клучниот потег кога во игра прво го воведе својот најдобар играч, кој командуваше со средината на теренот Кевин Де Брујне, кој првиот дуел со Русија (3:0) го пропушти поради полесна операција на лицето.

И веќе по десетина минути во вториот дел, во 55-та минута, Белгија израмни. Ромелу Лукаку направи продор од триесеттина метри, го проигра Де Брујне, а овој со многу чувство топката ја проследи во средината за Торган Азар кој непречен погоди за 1:1. Во 70 минута се случи целосниот пресврт, кога Белгија ја изведе најубавата акција на овој меч. Еден Азар, кој во меѓувреме влезе во игра и ја презема капитенската лента, испрати одлична топка пред Де Брујне кој во трк од врвот на шеснаесетникот со послабата негова лева нога со приземен прецизен удар погоди покрај десната статива.

Данска потоа тргна по израмнивање за да го избегне вториот пораз, по воведниот до Финска (0:1), и да ги задржи шансите за минување во нокаут-фазата. Бретвајт со дриблинт во 76 минута се избори за позиција за шут, но во последен момент беше блокиран опд Алдевирелд. Во самиот финиш, во 87 минута, центафорот на Барселона уиште еднаш се закани, но неговиот удар со глава ја погоди пречката.

При крајот Белгија од противнапад имаше шанса и за трет погодок. Данска во петтата минута од судиското продолжение доби слободен удар па во напад тргана и голманот Шмајкл, но од тоа се изради само корнер за Белгијците, топката дојде до десниот бек Тома Муниер кој до 30 метри откосто го гаѓаше голот, но успеа да блокира Сков Олсен.

Мечот, инаку, во 10 минута беше накусо прекинат, кога навивачите и играчите на двете селекции со аплауз му дадоа силна поддршка на данскиот репрезентативец Кристијан Ерискесн, кој закпренува по срцевиот удар кој го доживеа пред пет дена пред самиот крај на првото полувме на дуелот со Финска.

Откако во средата Русија во Санкт Петербург ја совлада Финска со 1:0, сега на табелата води Белгија со 6 бодови, Русија и Финска имаат по 3, а Данска е без бодови.

Во последното коло на 21-ви јуни се среќаваат Русија и Данска во Копенхаген, и Белгија и Финска во Санкт Петербург.