
Додека Шилегов сече и уништува здрави дрва, од друга страна набавува садници по енормно висока цена. Вредноста на рамковната спогодба за набавка на садници изнесува 9,5 милиони денари, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
– А само во радиус од 200 метри од ул. Орце Николов каде Шилегов и Богдановиќ уништија здрави дрва, има обележано над 50 суви дрва кои некое време чекаат да бидат отстранети и претставуваат вистинска опасност за безбедноста на граѓаните. Такви дрва има во Градскиот парк во Скопје, има и на ул. Рузвелтова точно пред пунктот кај дрворедот. Согласно Законот за урбано зеленило еден од основните принципи за заштита и унапредување на зеленилото е Одржливоста со која се обезбедува соодветно користење на постојните зелени површини, нивно зачувување, заштита и унапредување, во согласност со воспоставени стандарди и нормативи. Очигледно Шилегов нема стратегија за одржлив развој на Град Скопје, напротив спроведува постапки за јавна набавка на урбана опрема и зеленило по енормно високи цени. Дополнително, оние кои се занимаваат со оваа професија велат дека понудените цени за садниците во јавната набавка се повисоки од реалната цена – рече Митева.
И на крај, додаде таа, сосема е јасно зошто на анкетите 69% од граѓаните не се задоволни од работата на Шилегов.
– Тоа е доволен показател за неспособноста и неработењето на градските власти. Најдобро за нашите општини е што поскоро да заминете од власт – истакна Митева.