
Пред дваесеттина години, кога Македонија водеше војна со терористичките групации, во Тетово се одржа тркалезна маса на која како претседател на МААК бев присутен. Меѓу другите, таму беа и Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, кои се нарекуваа себе си’ олеснувачи, а кои всушност беа најобична меѓународна поддршка за остварување на барањата на терористите и „средство“ за притисок врз тогашната Влада на Република Македонија.
Ќе се навратам на само една реченица која тогаш им ја кажав:
„После укинувањето на расниот апартхејд кој долго го спроведувавте во Јужноафриканската Република, инсистирате на воведување етнички апартхејд во Република Македонија, но не е далеку денот кога во своите држави, во Западна Европа, ќе дочекате да го живеете верскиот апартхејд што ќе ви биде наметнат“.
Зошто токму сега се навраќам на овие зборови?
Пред извесно време, 20 пензионирани француски генерали и околу 1.000 други активни и пензионирани членови на француската армија, упатија отворено писмо во кое предупредуваат од можноста за избивање „граѓанска војна“ и опасност од „ордите од предградијата“, алудирајќи на мигрантите и радикалниот исламски тероризам. Тамошната LCI TV спроведе анкета за да го дознае ставот на француските граѓани по ова прашање. Па, дури 78 проценти од Французите сметаат дека државата се дезинтегрира (се распаѓа), 84 проценти дека општествената клима станува се’ понасилна, 58 проценти го поддржуваат писмото на генералите, а дури 49 проценти сметаат дека војската треба да интервенира.
Можеби најинтересен податок е што огромен процент, или 86 проценти од Французите смета дека државните закони не се спроведуваат во некои градови или во некои делови од градовите, претежно населени со мигранти и со муслиманско население, меѓу кое се’ поизразено е антифранцуското расположение.
Сето ова јасно говори до кој степен француското општество е поделено општество и до кој степен француската држава нема контрола врз одредени градови или делови од градови. Притоа, единствена која јавно застана на страната на генералите потписници на писмото беше Марин Ле Пен, лидерот на француската десница, на партијата Национален Фронт.
Нејзината партија на вчерашните регионални избори во Франција освои најголем број гласови иако Републиканската партија и партијата на актуелниот претседател Емануел Макрон, Република во движење, настапија заеднички за да ја спречат победата на десницата која е свесна за опасностите што ја демнат Франција, но и цела западнохристијанска Европа. Добиените гласови, пак, зборуваат дека и се’ поголем број Французи стануваат свесни за опасноста од верски апартхејд во кој веќе живеат одредени градови или делови од градови.