Напнатите натпревари ризични за чувствителните на срце

Големите спортски натпреварувања се толку многу возбудливи периоди за љубителите на фудбалот, што кај некои се зголемува ризикот од срцев удар, покажува германско истражување објавено во списанието Scientific Reports.

Во текот на Светското фудбалско првенство во 2014 година бил забележан поголем број хоспитализации поради срцев удар, се наведува во споменатата студија. Научниците ги истражувале службените податоци од болницете за премиерот и смртноста поради срцев удар, споредувајќи четири временски периоди.

Во текот на споменатато Светско првенство, коешто траеше четири седмици од средината на јуни до средината на јули, во Германија во болниците поради срцев удар завршиле 18.479 луѓе, што е за 3,7 отсто повеќе отколку истиот период следната 2015 година и за 2,1 отсто повеќе во 2013 година.

Еден месец по завршувањето на натпреварувањето во 2014-та, бројот на болничките приеми поради срцеви проблеми паднал за 5,4 отсто. На денот на финалниот натпревар, смртноста од срцев удар кај хоспитализираните пациенти била највисока, истакнуваат научниците.

Споменатата година Германија во извонредно тензичниот натпревар ја победи Аргентина со 1:0, потсетуваат научниците од кардиолошкиот центар на универзитетскиот медицинскиот центар во Мајнц, во соработка со одделот за спорт при универзитетската болница во Хајделберг.

„Гледањето фудбал може да влијае на вашето срце, нема сомнение во тоа“, вели Томас Мајнерц од Германското здружение за срце. Истакнува дека тоа не се однесува на сите натпревари, туку само на оние поради кои гледачите се особено возбудени.

Научникот вели и дека врските меѓу срцевите удари и екстремните стресни ситуација значително потврдено, без разлика дали тоа станува збор за потреси, избори или спортски настани.

Споредбено, бројот на пациентите со срцеви удари во текот на Светското фудбалско првенство во 2006 година, се зголемил за 2,7 отсто кога играла Германија, покажуваат податоците на кардиолошкиот тим од Минхен предводен од Уте Вилберт-Лампен.

Мајнерц појаснува дека поради возбудувањето се ослободуваат хормони на стресот, што доведува до забрзување на отчукувањата на срцето и зголемувањето на крвниот притисок. Тоа, пак, го зголемува ризикот од срцевите проблеми за оние кои им се наклонети.

Аксел Шмермунд, кардиолог од Франкфурт, предупреди како во текот на натпреварувањето често го менува начинот на живот на гледачите, бидејќи повеќе седат, јадат грицки кои инаку не ги консумираат и пијат алкохол. Оттаму, високоризичните групи би требало да бидат особено претпазливи во текот на актуелното Европско фудбалско првенство, особено сега по почетокот на нокаут-фазата.

Мајнерц советува, исто така, да се избегнуваат алкохолот и обилните оброци, бидејќи со тоа дополнително се троши кислород и крв, а по секоја цена треба да се избегнува и пушењето. Додава и дека не би требало целиот натпревар да се проследи седејќи, па советува и повремено станување, шетање и растегнување.