
Иако информациите од Луксембург се дека Бугарија останува на ветото за земјава, шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи вели дека е очекува Македонија да добие зелено светло за старт на преговори до крајот на неделава.
Османи сепак признава дека можноста е теоретска, но додава дека официјална Софија се соочува со притисок од останатите земји-членки на Унијата, а во моментов одлуката е во рацете на бугарскиот Претседател Радев. Доколку Македонија пак не ги започне преговорите месецов, Османи предупреди дека ситуацијата може да биде променета во октомври кога е идниот Европски совет. Османи откри и дека португалскиот предлог го третира прашањето за јазикот.
Шефот на македонската дипломатија беше гостин на неговата шведска колешка Ан Линде, која е во еднодневна посета на земјава во рамки на шведското претседателство со ОБСЕ. Линде изрази загриженост што Бугарија и понатаму не го дава потребното зелено светло за почеток на преговори со ЕУ. Според неа, Македонија ги има исполнето сите услови за старт на преговорите, а тоа како што кажа е став на сите министри за надворешни работи на ЕУ, освен на бугарскиот.
Шефицата на шведската дипломатија порача и дека граѓаните на земјава не треба да бидат обесхрабрени иако како што кажа, имаат причина да бидат разочарани. Министерот Османи пак истакна дека интегрирањето на Македонија кон ЕУ, не е само од наш интерес, туку и од интерес на Унијата и додаде дека таа не е целосна без земјите од Западен Балкан