
Четири наместо пет дена работа во неделата да им дозволат јапонските фирми на своите вработени советува владата во својот пост-ковид економски план, пренесува Дојче Веле. Баланс меѓу работата и приватниот живот е новата економска политика која скоро беше усвоена во Јапонија, а за многумина ова е нов и смел став и раскрстување со традицијата на прекумерно работење.
Сѐ почнало лани со пандемијата со корона која ги „омекна“ и вразуми јапонските работодавачи да дозволат работа од далечина. Но, главната грижа на владата е уште подлабока. Јапонија стравува дека воркохолизмот доведува до намалување на наталитетот, а лани со ковид-кризата тој направил рекорден пад.
Втората причина е стареењето. Јапонија е нација со најмногу старци во светот. Толку многу, што снемуваат млади кои ќе работат. Со четиридневната работна недела, старите ќе работат помалку, а младите ќе имаат ден повеќе да се грижат за нив.
Јапонците кои беа светски прваци во прекувремена работа, за првпат ќе имаат долг викенд – секој викенд. И тоа, викенд од три дена. Според владата, ова ќе значи и повеќе шопинг и размрданост во економијата.