
Фудбалерите на Италија многу потешко од очекуваното се пласираа во четвртфиналето на Европското првенство, благодарејќи на победата од 2:1 (0:0, 0:0) над Австрија, под продолженијата на осминафиналното соочување во саботата вечерта на лондонски „Вембли“.
Пласманот на „Аѕурите“ меѓу осумте најдобри селекции на континенталното натпреварување го обезбедија резервните играчи Федерико Киеза и Матео Песина со погодоците во 95 односно 105 минута, додека поразот на Австрија го ублажи Саша Калајџиќ во 114 минута.
Италијаните во првото полувреме играа како и на претходните натпревари на турнирот, во високо темпо и со многу комбинаторика. Меѓутоа, во овој дел од мечот само двапати сериозно се заканија.
Во 17 минута по добрата акција на Барела прими топка во шеснаесетникот, шутираше „од прва“ но по средината на австрискиот гол. Во 32 минута Италија повторно можеше да поведе, кога Чиро Имобиле неочекувано шутираше од 20 метри, но топката заврши на местото каде што се спојуваат стативата и пречката.
Во второто полувреме дојде до пад во играта на Италијанците, а охрабрените Австријци сѐ почесто се закануваа. Во 49 минута Марко Арнаутовиќ ја искористи грешката на Бонучи на центарот од теренот и се спушти кон противничкиот шеснаесетник, но наместо да одигра повратна топка за двајца соиграчи кои му се придружија во противнападот, се реши на непотребен дриблинг а потоа и лошо шутираше.
Во 52 минута Давид Алаба изведе слободен удар од работ на шеснаесетникот, но топката мина неколку сантиметри над пречката. Во 62 минута од дистанца шутираше Марсел Забитцер, но неговиот удар од 20-ина метри, еден од италијанските бекови го одби во корнер. Марко Арнаутовиќ во 66 минута погоди за водство, но славењето на Австријците кусо траеше, бидејќи по интервенцијата на ВАР-от голот беше поништен поради офсајд. Во 75 минута Австријците се надеваа на пенал, откако Штефан Лајнер падна по дуелот близу втората статива. Но арбитарот и ВАР-от покажаа играта да продолжи.
Во последните десет минути од регуларниот тек на мечот, Италијанците сепак се прегрупираа и ги притиснаа Австријците, па Спинаѕола во 83 минтуа упати добар центаршут на втората статива, но волејот на Берарди беше многу лош.
По регуларните 90 минути кои завршија без голови, средбата отиде во продолженијата од двапати по 15 минути. Италијанците веќе во 95 минута дојдоа до водството кога Спинаѕола нафрли на втората статива, а Федерико Киеза со глава ја прими тешката топка, потоа со дриблинг го исфрли од рамнотежа внимателниот австриски бек кој избегна прекршок и неодбранливо ја затресе мрежата.
Во 104 минута Италија доби слободен удар од 20 метри кога Лоренцо Инсиње одлично гаѓаше под пречката, но австрискиот голман Даниел Бахман се издолжи и го спаси својот гол. Но тоа беше за кратко, бидејќи веќе следната минута Матео Песина, по додавањето од Ачерби од близина погоди за 2:0.
Австрија во 106 минута можеше да намали, кога Луис Шауб силно шутираше од 18 метри, но Донарума фантастично одбрани. Потоа во 111 минута Марсел Забитцер упропасти добра шанса со лош шут од близина. Сепак, Австрија успеа да постигне гол, кога во 114 минута Шауб изведе корнер, а Калајџиќ се испружи и во пад со глава крај тројца одбранбени играчи крај самата статива ја затресе мрежата.
Италија во четвртфиналето на 2-и јули во Минхен ќе игра против победникот од мечот Белгија – Португалија, кој се игра во недела во Севилја.