Сантош: Нема правда или неправда, во фудбалот постојат две разлики!

Фернандо Сантош беше разочаран што неговата селекција остана без шанса да се бори за трофејот кој го освои пред пет години, па како бранители на титулата на Европското првенство, Португалците го положија оружјето уште во првата нокаут рунда.

Во еден крајно израмнет меч со Белгија, главната разлика ја направи фантастичниот гол на Торган Азар во првото полувреме, па иако Португалците сериозно притиснаа во вториот дел и создадоа шанси за израмнување, наидоа на супер расположен Куртоа, а во еден момент немаа и среќа бидејќи го погодија дирекот.

– Секако дека постои разочарување, но сите треба да излеземе од ова со подигнати глави. Ниту една селекција не може да каже дека е подобра од Португалија, а го докажавме и овојпат тоа на теренот.

– Има играчи кои плачат во соблекувалната, разочарани се и многу тажни. Фудбалерите дадоа се од себе и оставија се што имаа на теренот. Секој пораз боли, а особено на вакви големи натпреварувања.

– Бевме убедени дека можеме да играме одново во финалето, но тоа нема да се случи. Во фудбалот нема правда или неправда, постојат само две разлики. Постои тим кој постигнува гол и тим кој не постигнува гол. Ние за жал примивме гол, а потоа не успеавме да постигнеме еден и да се вратиме во мечот. Таков е фудбалот, – изјави Сантош.