

Истражувањето е спроведено од 18 до 23 јуни на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници.
Како главни причини за постоечкото ниво на корупција граѓаните сметаат дека е толеранцијата на граѓаните (29%) и тоа што самата власт ја поттикнува корупцијата (28,8%). За 24,6 отсто од анкетираните граѓани проблемот е и во надлежните институции (МВР, обвинителство судови…) кои не се борат против корупцијата.
Корупцијата стои високо на рејтинг листата на најважните проблеми со кои се соочува земјата – неповолната економска ситуација и невработеноста (44,9 отсто) и корупцијата и нефункционалниот правен систем (30,4 отсто).
Само 12,8 отсто од испитаниците можат да посочат некој конкретен случај на корупција во изминатата година, при што најголема свесност постои за случајот Рекет 1 и за случајот со тендерите на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Приближно 20% од испитаниците, односно кај околу 40% од оние кои се вработени постои опасност да го изгубат работното место. Опасноста за губење на работното место е поизразена кај испитаниците кои се вработени во приватниот сектор.
Само една третина од испитаниците сметаат дека денес е лесно да се најде работа во приватниот сектор. Овој процент е нешто повисок кај испитаниците кои се вработени во приватен сектор и кај невработените.
Анкетирањето беше спроведено во периодот од 18 јуни до 23 јуни со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: +-3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол и возраст во однос на проценките за населението од Државниот завод за статистика од 2019 година.