Лепиткова: Не смее да има еколошка такса и за загадувачите и за незагадувачите

Не смее да има еколошка такса подеднакво за сите. И за загадувачите и за незагадувачите порача експертот за животна средина Соња Лепиткова, на трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ на тема екологија.

– Граѓаните треба да се казнуваат за животната средина но, треба и да се наградуваат. Не смеат сите граѓани во државата да се казнуваат подеднакво. Такво правило е штетно, неправично. Затоа ВМРО-ДПМНЕ на таа тема ќе дебатира, а не на инает и популизам – рече таа.

Таа додаде дека Македонија најдоцна од сите држави во Европа го оформила Министерството за животна средина и токму во времето на влада на ВМРО-ДПМНЕ во 1999 година.

– Почнавме со физибилити студија, направивме проекти, обезбедувавме средства од европските фондови и така натаму. Со ИПА проектите кои се добиваат со сериозна документација изградивме многу пречистителни станици и регионални депонии. Овие четири години ништо не се прави. Зошто? Затоа што тука голема улога играат и градоначалниците. Сите наши градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ учествуваа кога имаше непогоди од поплави пожари, ете сме набавиле и авиони за гасење на пожари. Сме имале средства и сме планирале и без еколошки такси. Имавме и студии за загадувањето на воздухот и ги лоциравме загадувачите и какви мерки да преземеме. Во тие програми ќе видите субвенции за велосипеди, за електрични автобуси и возила, за пелети, за печки. Екологијата за ВМРО-ДПМНЕ секогаш била приоритет, како на локално така и на централно ниво – посочи Лепиткова.