Пратеник од власта си поднесе оставка, на повидок криза во владејачкото мнозинство

Пратеникот на ДОМ, Мирослав Богдановски, си поднесе оставка од функцијата пратеник, и се враќа на претходното работно место – главен инспектор во град Скопје.

Како што беше познато од пред извесно време, Богдановски не ги поддржува политиките на власта како и раководењето на Маја Морачанин како претседателка на ДОМ, кое за него е недемократско, што сега се наведува како главна причина за неговото враќање на пратничкиот мандат.

Раздорот во ДОМ кулминираше минатиот месец кога беа разрешени потпретседателите Мирослав Богдановски и Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Двајцата беа дел од иницијативата за вонреден конгрес, но Централниот одбор ја прогласи за нелегитимна и на обајцата им изрази недоверба.

Оставката на пратеникот Богдановски треба да се констатира денеска во Собранието, а Државната изборна комисија треба да даде предлог за тоа кој ќе го заземе местото на Богдановски.

Следна на листата е Анета Симеска од СДСМ, од Македонски Брод, но поради нејзината функција директор на Пазарниот инспекторат таа нема да стане пратеничка. Се очекува дека на местото на Богдановски ќе дојде Даниела Николова од СДСМ, Аеродром, која е 13 на листата во Изборната единица 1.