Ова не се мали туку суштински измени во обвинението, порача одбраната за „27 април“

Гоце Ристевски, адвокат на Спиро Ристовски во образложението на измената на обвинението од страна на Вилма Русковска вели дека ова не се мали туку суштински измени на обвининелниот акт.

-Затоа бараме одложување на главната расправа да имаме време да се подготвиме за новите околности, рече Ристевски пред судот.

Со сличен став е и адвокатот Дончо Наков.

-На обвинетите не им беше дадена можност да се произнесат за вина, да достават контра докази и аргументи и затоа бараме одложување, вели Наков.

Судот ги прифати барањата на одбраната и закажа рочишта за 6 и 12 јули.

Претходно, обвинителката Вилма Русковска, наместо завршни зборови, понуди измени на досегашните обвиненија.

Во новите измени со кои обвинителката реши да го збогати обвинението откако постапката е завршена, се вели дека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, заедно со Спиро Рисовски, ги организирале протестите, чија цел било да се спречи изборот на нов претседател на Собранието по секоја цена. Русковска тврди дека по насока на поранешниот премиер, тие се грижеле за тоа во кој град во колку часот ќе започне протестот и дека дури и биле организатори на протестите, а не како досега дека само контактирале со општинските комитети за да повикаат на масивност. Според неа, Јанакиески дури и му дал насоки на Крсто Мукоски да застане пред оној што чита за да се оневозможи изборот на Џафери.