
Кога разговараме за економската соработка помеѓу двете држави, но и со другите држави од регионот, јасно е дека пандемијата не е единствената причина зошто економската соработка не е на уште повисоко ниво, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на денешната деловна средба на македонски и хрватски бизнисмени, што се одржува во Загреб, на вториот ден од неговата официјална посета на Хрватска.
– Во нашата економија јасно е дека не се зависи од луѓето во бизнис секторот, јасно е дека се многу значајни стабилноста и интегритетот на институциите, најважно е владеењето на правото, најважно е корупцијата да се сведе на најниско можно ниво за странски инвеститори и бизнисмени да доаѓаат во држава која има предвидлива бизнис клима и стабилен бизнис систем кој може да ги штити нивните права – рече Пендаровски.
Во таа насока, додаде тој, кај нас се работи интензивно со оглед дека сме на прагот за почеток на преговори со Европската унија.
– После долги години мислам дека можеме да направиме пробив на тој план – посочи Пендаровски.
Тој додаде дека за бизнисот е важно тоа што станавме членка на НАТО, што меѓу другото е предуслов државата да биде ставена на мапата на земји со предвидлива иднина во која може да инвестираат.
Пендаровски истакна дека пандемијата нанесе огромни штети на економиите во двете држави и изрази надеж дека погодените сектори како што е туризмот многу бргу ќе се вратат во нормала, со отворање на границите за што е потребно и масовно вакцинирање на населението.
– Без вакцинација нема сигурен развој на економијата и враќање во она што било претходно. Вашите проценти се нешто повисоки од нашите, но можам да кажам дека и кај нас има значително помасовна фаза на имунизацијата и очекувам дека во следните над месец и половина ќе дојдеме над половично мнозинство на вакцинирани, така што вратите пополека се отвораат за враќање на старите патеки – рече Пендаровски.
Како што наведе шефот на државата бројките во трговската соработка во изминатата година се намалени, но намерата на бизнис заедниците од двете страни во неколку клучни сектори е таа да биде и над нивото од пред пандемијата.