Поради непоседување докази Русковска го измени обвинението за Јанакиески и Ристовски

Обвинителката Вилма Русковска во завршница на судењето во случајот „27-ми април“ во четвртокот го промени обвинението за поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција напомна дека тоа го сторила бидејќи не поседувала докази за дејствијата кои предходно им ги припишуваше. Според одбраната, пак, тоа било пораз за обвинителството, бидејќи не успеало да докаже тероризам и загрозување на уставниот поредок.

Русковска вели и дека „измените се направени оти обвинителството не обезбеди докази дека Јанакиески и Ристовски ги организирале општинските и месни комитети на партијата“.

„Бидејќи немаме таков материјален доказ за тоа, за тоа и се направија измените. Значи само во однос на организирање на протестите“, изјави Вилма Русковска, Јавен обвинител.

Судењето за случајот „27-ми април“ и насилните безредија во Собранието ќе продолжи следната седмица со завршни зборови на обвинетите и нивните адвокати.