
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија инсистира на компромис во дијалогот со Косово и, според него, компромисот е реалната состојба на теренот.
Компромис би значело нешто што е во интерес на двете страни. Но, не знам дали тој е можен – изјави Дачиќ во интервју за Дојче веле (ДВ).
Дачиќ прашува зошто Србија треба да предложи компромис. На прашањето, пак, кој треба тоа да го направи, Дачиќ одговара дека „постои една ситуација што се уште е отворена“.
Тоа значи дека прашањето за статусот на Косово е нерешено, без оглед на тоа што Косово смета дека ова прашање е решено. Тоа не е решено се додека не бидат примени во Обединетите нации. Од друга страна, ситуацијата на теренот – тоа е она што Американците често сакаат да го кажат – е таква што, без оглед на фактот дека 99 отсто од српските граѓани ќе кажат дека Косово е дел од Србија, Србија нема целосен суверенитет во Приштина. Но, исто така Приштина нема целосен суверенитет на северот на Косово – изјави Дачиќ.
Тој додаде дека тоа е ситуација на терен.
Може ли оваа состојба на теренот да се смени, освен со војна? Може ли да се промени, на пример, со компромис? Може. Подобро со компромис. Значи, за мене компромисот е реална состојба на теренот – вели Дачиќ.
На прашањето дали Србија во одреден момент ќе го признае Косово, тој истакна дека нема да признаат никакво еднострано решение.
Само да се разговара и да се продолжи со дијалогот. Повторувам уште еднаш, за мене е прифатливо сè што може да се подведе под некаков компромис што вклучува дел од двата интереси. Но, сега ме прашувате за нешто во што јас не учествувам – наведе Дачиќ.
На прашањето дали повеќе е за поделба или за размена на територии, Дачиќ возврати со прашањето: „А што сега ме прашувате, како да не знаете што кажував пред 10 години“.
Во врска со најавата за тужба за геноцид против Србија од страна на премиерот на Косово, Албин Курти, Дачиќ смета дека тоа е правно невозможно.
Косово не може да се појави како носител на тужбата бидејќи не е меѓународно призната држава. Ниту во тоа време беше меѓународно призната држава. Но, мислам дека воопшто иницирањето на такви идеи, не знам до што може да доведе, бидејќи секој секого овде може да тужи за сешто – оцени Дачиќ.