
Судскиот совет на денешната 377-та седница разреши еден судија и избра претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар, Гевгелија и Свети Николе.
– Елјеса Алији судија од Основен суд Гостивар е избран за претседател на Основен суд Гостивар, Мерсим Марку судија од Основен суд Дебар е избран за претседател на Основен суд Дебар, Марица Аврамчева Зафирова судија од Основен суд Гевгелија е избрана за претседател на Основен суд Гевгелија и Лилјана Додевска судија од Основен суд Свети Николе е избрана за претседател на Основен суд Свети Николе, соопшти Републичкиот судски совет.
Кандидатот за претседател на Основниот суд Виница не го доби потребното мнозинство согласно законот и Советот донесе Одлука за објавување нов оглас за избор на претседател на овој Суд.
Воедно, денеска Судскиот совет разреши и еден судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е оддалечен од вршење на судиската функција.
Како што објавија некои медиуми, станува збор за судијата Горан Бошевски од Кривичниот суд – Скопје. Од Судскиот совет за МИА не можеа да ја потврдат оваа информација, посочувајќи дека името на судијата ќе биде објавено кога одлуката ќе биде потврдена од Врховниот суд.(МИА)