
Потребни ни се мерки сериозни за подготовка на системот за евентуален нов бран од епидемијата на коронавирусот, како и за здравствениот систем и за епидемиолошкиот систем како дел од него. Во тој правец ние изработивме еден предлог на мерки коишто треба да ги преземе здравствениот систем, истакна Игор Николов, претседател на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во „24 анализа“.
„Би ги поставил отворените прашања, нас ни треба подготовка повторно на сериозен Бел план во којшто ќе знаеме во болниците, доколку има нов бран кој ќе биде, каде ќе биде и како ќе биде. Ни треба одговор на прашањето дали ни треба ковид-посветени болници или повторно ќе ни се случи како во третиот бран кога целиот здравствен систем беше ковид. Ни треба план за секундарните дијагнози, оние дијагнози кои што не се ковид, доколку повторно ни се случи бран каде ќе се лекуваат. Ни треба план за терапијата, што ќе правиме со терапијата, пациентите знаете дека сами беа обврзани да купуваат и да даваат басносновни суми за витаминска терапија и за терапија која што ја немаше и за пристапност на лабораториските и рентгенските следувања“, рече Николов.
Додаде дека притоа треба да се донесе регулатива и за реинбусирање на лекови и медикаменти, бидејќи во текот на претходните бранови пациентите беа принудени од болничка постела да стануват и да одат до Фондот за здравство за да се изврши рефундирање на парите коишто ги дал за лекарствата.
„За сето тоа ни е потребен план. Нас не смее да ни се повтори 12.000 евра да се плаќа однапред за да некој биде хоспитализиран поради Covid-19. Не смее да ни се повторат многу работи кои што ги имавме во вториот и во третиот бран“, рече Николов.
Посочи дека здравствениот систем во Македонија при справување со Covid-19 имаше многу недостатоци и тие треба да се поправат за да наесен не ни се случи истото.