
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе биде нов уставен судија. Јовески е еден од тројцата фаворити на власта, потврдува за ТВ24 висок владин функционер.
Според истиот функционер Јовески прифатил обвинителската фотелја да ја замени со фотелја во Уставен суд. Тој е вториот кандидат по Фатмир Скендер кој што ќе биде кандидиран од мнозинството во Собранието до крајот на месецот.
Јовески кој што службено е отсутен од државата, за ТВ24 порачал дека изборот за уставен судија доколку ја добие поддршката на пратениците би му бил голем предизвик.
-Чест е да се биде уставен судија и тоа е највисокиот дострел на секој правник. Одлуката ја носат пратениците и доколку тие сметаат дека со моето долгогодишно правничко искуство во Министерството за правда, како судија и како претседател на Основниот суд Скопје 2, јавен обвинител, член на Совет на јавни обвинители и државен јавен обвинител, можам да придонесам во работата на Уставниот суд, ќе ја прифатам оваа одговорна функција, изјави за ТВ24 Јовески.