Девет жртви во уривањето на малиот авион во Шведска

 

Шведска полиција доцна ноќта кон петокот објави дека загинале сите девет лица кои биле во авионот кој се урнал набрзо по полетувањето близу шведскиот град Оребро.

„Станува збор за многу тешка несреќа. Загинале сите кои биле во авионот“, објави шведската полиција на својата интернет страница.

Според соопштението, авионот од типот „DHC-2 Turbo Beaver“ превезувал осум падобранци и еден пилот. Се урнал близу пистата на аеродромот во Оребро брзо по полетувањето и се запалил.

„Со голема тага ја примив трагичната вест за падот на авионот во оребро. Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и блиски во овој многу тежок момент“, напиша на Twitter шведскиот премиер Стефан Лофвен,

Слична несреќа се случи на северот од Шведска во 2019 година, кога набрзо по полетувањето се урна авион кој исто така пренесуваше падобранци. И во таа несреќа загинаа девет лица, а истрагата покажа дека авионот бил непрописно натоварен.