Сугарески бара поддршка од врвот на СДСМ во трката за градоначалник на Прилеп

Поранешниот министер за транспорт и врски во Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев и сегашен директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, ја поднесе во пртокот својата внатрепартиска кандидатура за градоначалник на Прилеп и очекува да ја добие довербата од неговите сопартијци.

Сугарески својата одлука ја објави на својот профил на Facebook, каде што наведе и дека  „сега е најпотребен меѓу своите“. Заклучокот, како што додава, го извел од секојдневните контакти со прилепчани, нивните сугестии, размислувања и иницијативи.

„Денес објавувам дека влегувам во демократска трка за кандидат за градоначалник на Општина Прилеп на локалните избори. Доколку ја добијам довербата на моите сопартијци, сигурен сум дека како кандидат на СДСМ, заедно со жителите на нашата Општина Прилеп ќе оствариме заедничка сенародна победа. Победа на која ќе бидеме горди. Зошто го правам ова сега, неколку месеци пред локалните избори? Затоа што сметам дека на еден град херој му личи да биде пример и предвесник на новата скала во демократскиот развој“, пишува Сугарески.

Во продолжение појаснува дека неговиот шестмесечен мандат како в.д. директор на Царинската управа завршува во понеделник, па затоа решил и предвреме да ја објави одлуката за своите натамошни активности.

„Целата своја досегашна политичка кариера ја минав како политички фајтер кој никогаш не задавал удари под појас. Затоа сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на шестмесечниот мандат како в.д. директор да прекинам да ја извршувам јавната должност во Царинската управа. Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник“, вели Сугарески и истакнува  дека во понеделник се враќа на неговото работно место во Општина Прилеп.