
Договорот за партерно уредување на Кеј „13ти Ноември“ изнесува речиси 1,5 милиони евра. Огромната разлика во цените која ја согледуваме во тендерите кои ги склучува градот Скопје, со онаа која ја има како највисока на пазарот е зaгрижувачка, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Поставените плочки на кејот се веќе уништени и скоро секоја втора плочка е испукана. Согласно тендерската документација, поединечната цена на плочките за партерното уредување од неколку стотина метри зависи од видот на плочка која е опишан како тип 1,2,3,4 или 5. Согласно сликите од тендерската документација можеме да заклучиме дека испуканите плочки се тип 1 и овие плочки чинат 3,700 денари квадратен метар. Ова се цени кои не содејствуваат со реалните цени ниту соодветствуваат со квалитетот. И најверојатно за неколку години повторно ќе се раскопува кејот со цел негова реконструкција, а вртоглаво високите поединечни цени во тендерите ќе останат“, вели Митева и додава:
„Шилегов е во обид да створи предизборна перцепција дека Скопје има нови проекти, но истите резултираат со бетонирани дрва од една страна и распукани плочки од друга страна. Но, Шилегов треба да биде свесен дека перцепција не се гради неколку месеци пред избори и тие скапи проекти имаат краен ефект, а тоа е рушевина. Она што го отсликува Шилегов е инфраструктурна стагнација, импровизација и лоши проекции за развојот на градот“.