
Напаѓачот на француската фудбалска репрезентација Оливие Жиру е пред трансфер од Челзи во Милан, јавија денеска италијанските медиуми.
– Работата е завршена. Жиру во четврток треба да пристигне во Италија за да ги мине медицинските прегледи и да потпише договор на две години, јави специјализираниот телевизиски канал „Скај спорт“.
Весникот „Газета дело Спорт“ објави дека францускиот напаѓач ќе добие нето-плата во износ од три милиони евра по сезона, а Милан на лондонскиот премиерлигаш Челзи ќе му плати отштета од еден милион евра.
Жиру има 110 настапи и 46 голови во репрезентацијата, но 34-годишниот напаѓач имаше споредна улога во францускиот дрес на ЕУРО2020.
Италијанскиот прволигаш Милан ќе биде третиот клуб на Жиру надвор од Франција, по Арсенал и Челзи.