
Бројот на новите случаи на зарази со коронавирусот потврдени во јапонската престолнина во текот на изминатите 24 часа изнесува 1.308, што е највисокиот показател од јануари годинава, покажуваат податоците кои ги презентираа во четвртокот властите на Токио.
Дневниот раст на новите случаи на заразите во Токио е над илјада веќе втор ден со редн. Една седмица претходно тој се движеше околу 900 нови случаи во 24 часа во речиси 14-милионската метропола.
Осум дена пред почетокот на Летните олимписки игри во Токио, продолжува тешката состојба со ширењето на коронавирусот. Од 12-ти јули во јапонската престолнина, поради влошената епидемиолошка состојба, повтрно на сила стапи вонредната состојба којашто ќе трае најмалку до 22-ри август.
За истиот период беа продолжени засилените мерки против ширењето на заразата и во соседните префектури Канагава, Саитима и Чиба. Режимот за вонредна состојба и засилените мерки подразбираат посебно ограничување на присуството на посетители на јавните настани и забрана за продажба на алкохолни пијалаци во сите угостителски објекти.