
Времето во Македонија во саботата ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а попладнето кон крајот на денот ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер (на места над 90 километри на час) и услови за појава на град.
Минималната утринска температура е во интервал од 14 до 21, а максималната од 30 до 37 Целзиусови степени. УВ индексот ќе има вредност 8.
Во Скопје претпладне денеска ќе биде сончево со умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од скопската котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, засилен ветер и услови за појава на град.
Минималната температура е 20, а максималната ќе достигне до 34 Целизусови степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до вторник ќе се задржи променливо облачно, наместа со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град. Температурата ќе биде во постепено опаѓање.