
Одложено е рочиштето за предметот „Плацови на Водно“, на кое во понеделникот обвинетите требаше да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не и одбраната да ги даде своите воведни зборови.
Од Основниот кривичен суд во Скопје велат дека причините за одложувањето се што одбраната барала на македонски да се преведат доказите кои се доставени на англиски јазик и тоа што еден од адвокатите, кој по службена должност е назначен за бранител и во ТНТ, е зафатен со рочиште во тој предмет.
Судењето треба да продолжи по точно еден месец, на 19-ти август.
Во петокот (16-ти јули) беше одржано првото рочиште за овој предмет, во кое обвинителката Лиле Стефанова го даде воведниот збор и побара, по изведувањето на доказите, обвинетите да се прогласат за виновни и да завршат во затвор.
Првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а на обвинителна клупа седат неговиот кум Ристе Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, неговата мајка, Ратка Куновска Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.