
Жителите на селата Спанчево, Соколарци и Бања во општина Чешиново-Облешево, в сабота ќе организираат протест и ќе ја блокираат изградбата на експресниот пат Штип-Кочани.
Блокадата ќе биде на клучката кај селото Спанчево, а причина е што со комплетирањето на новата сообраќајна инфраструктура тие ќе останат без пристап до земјоделските површини.
-Месните заедници од трите села повеќепати реагираа, упатија писмени и усни барања до општина Чешиново-Облешево, до инвеститорот, до изведувачот и надзорот на градежните работи, да се обезбеди траен пристап до нивите. Не е добиен никаков одговор од ниту една страна. Поради тоа, како предупредување, ќе ја блокираме механизацијата на изведувачот, со што очекуваме нашиот проблем сериозно да биде сфатен и да се најде соодветно решение – истакнуваат организаторите на протестот.
Протестот е уредно пријавен кај надлежните органи и ќе трае два часа, а организаторите очекуваат разбирање и прифаќање на нивните барања.