
Млади и невакцинирани летувале и се забавувале на првиот крак во Грција. Кога се вратиле во Македонија со организиран автобуски превоз сите 20 патници завршија во изолација. Четворица од нив се позитивни на Covid-19 а другите се контакти кои мора да поминат 14-дневен домашен карантин.
Кластерот бил откриен по враќањето од летниот одмор и појавата на првиот случај кој во епидемиолошката анкета кажал каде и со кого бил.
„Изолацијата е направена согласно контактите кои ги дале. Тоа се млади луѓе кои биле на летување во Грција е сега забавите таму биле такви какви што биле“, вели за медиумите др. Марија Гочевска епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.
Во карантин не одат возачот и водичите бидејќи тие биле вакцинирани против Ковид-19. Но како што велат епидемиолозите сепак треба да внимаваат и да ја следат здравствената состојба.
„Лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале 14 дена од втора доза по протокол не одат во изолација“, вели др. Гочевска.
Решенијата за изолација ги издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат но по претходна насока од епидемиолозите.
„Тоа е проценка на епидемиолозите кого ќе оценат дали е во среден ризик и ние издаваме решение за изолација“, рече претхдоно за медиумите др. Ирина Сотирова Бухова директор на ДСЗИ.
Летувалците од Грција го зголемија бројот на новодијагностицирани во земјата, но и потенцијалната опасност од невакцинирање. Епидемиолозите апелираат што повеќе граѓани да одат во пунктовите за имунизација.
„Многу опуштеност не треба бидејќи и вакцините не штитат 100 проценти но во овој момент се единствена научно докажано решение против оваа болест. Маски на затворено мора да се носат и почитување на протоколите3, вели др. Гочевска.
Дали младите од автобусот го имаат делта сојот кој циркулира во Грција ќе покажат анализите во МАНУ.