Алијанса и Алтернатива: Не можете да покривате луксузни автомобили со тротинети

Грдоста на ДУИ не може да биде покриена ниту со пудра, ниту со боја или ниту со лаги. Набавката на неколку тротинети за вработените во Министерството за надворешни работи е само обид да се покрие луксузот на функционерите на оваа партија, оценија во неделата од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Во пресрет на локалните избори, (министерот за надворешни работи од ДУИ) Бујар Османи сака да им фрли прашина во очите на граѓаните, додека неговите сопартијци, градоначалниците на Дебар, Струга, директори на јавни претпријатија, како и на самата Влада, трошат милиони денари на скапи автомобили“, се наведува во писмената реакција на коалицијата АА/А.

Додаваат дека откако Османи не покажал никакви успеси во ниедна сфера во која бил функционер, и ја довел државната дипломатија и процесот на интеграција во Европската унија во состојба на колапс, сега оди ефтина пропаганда со тротинети од 200 евра.

„Би сакале тој барем да ги купеше по пазарна цена, со оглед на неговото минато полно со коруптивни сомневања кога станува збор за јавните тендери“, порачуваат од коалицијата.