
Извршниот директор на тутунската компанија „Филип Морис интернешнл“, Јацек Олчак ја повика Британската влада да ги забрани цигарите во рок од една деценија, вклучително и брендот „Марлборо“, кој го произведува оваа фабрика.
Тој рече дека компанијата може „да го види светот без цигари“, а всушност, колку побрзо тоа се случи, толку подобро за сите.
– Цигарите треба да се третираат како бензинските автомобили, чија продажба треба да биде забранета од 2030 година – рече Олчак.
Тој смета дека Владата може да ја запре конфузијата кај пушачите, од кои некои сè уште сметаат дека „алтернативите се полоши од цигарите“.
– Со правилни регулативи и информации, во некои земји проблемот со пушењето може да се реши еднаш и засекогаш за 10 години – рече тој.
„Филип Морис“ неодамна објави дека се стреми половина од својот промет да бидат производи за непушачи, и се претвора во „компанија за здравствени и велнес услуги“, чија нова мисија е свет без цигари. Како и да е, компанијата се најде на удар на кампањите против пушењето, кои ја обвинија за лицемерие откако таа поведе понуда за преземање на британската фармацевтска компанија „Вектура“ за инхалатори за астматичари.