
Ние ги поддржуваме бугарските здруженија, но колку пати нивните политичари од Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалку бројни заедници во Бугарија, реплицираше во вторникот македонскиот премиер Зоран Заев на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев од ден претходно.
Македонските политичари направиле повеќе од бугарските во однос на искажување почит кон помалите етнички заедници, кажа Заев во врска со изјавата на бугарскиот претседател Радев, кој смета дека во Македонија се кршат правата на граѓаните со бугарска самосвест и оти Скопје само мисли оти ги исполнува критериумите за членство во ЕУ.
Заев вели дека во однос на исполнување на критериумите, Европската Унија е таа која оценува.
„Јас реков, тоа е работа на ЕУ – кога ќе одлучат да го продолжиме процесот, нека ни се јават. Ние, во меѓувреме, продолжуваме со европеизацијата овде, имаме сериозни процеси за спроведување на агендата ‘Европа дома’, што значи унифицирање на царинскиот тарифник, тоа е дел од поглавјата што ние веќе го правиме. Во делот на унапредување на сите други аспекти од општествениот живот, исто така, секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон Европската унија, всушност, значи европеизација овде“, рече Заев.
Рече дека нема да си дозволи преку медиуми да му реплицира на претседателот на Бугарија.
„Зоран Заев се појавил на манифестации на бугарските здруженија, многу повеќе отколку на македонски, албански или турски здруженија. Подигнавме споменик на полковник Гарванлиев, сме покажале респект насекаде, затоа што се работи за наш сосед и за граѓани Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа. И, навистина, целиот свет во суперлативи зборува за начинот на релизирање на едно и еднакво општство за сите. Што било што претставува забелешка, ние сме подготвени да ја адресираме, но не може политички претставници да повикуваат и да зборуваат за политики и оттука да влечат заклучоци за одредени права или не. Дај да видам колку пати нивните политичари од Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалку бројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Џафери, министрите, насекаде сме се појавувале, во кој било регион од државата, на какви било културно-историски манифестации, на одредени форуми, конференции, секојпат со респект. Така што, најважното на кое треба да се посветиме е да овозможиме на младите да не се мразат, историјата што денеска ја пишуваме е најважна“, рече Заев.
Бугарскиот претседател Румен Радев на вчерашната средба со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен, изјави дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Македонија со бугарска самосвест.
„Иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак, сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор”, истакна Радев.