
Олимпиецот Дејан Георгиевски попладнево слета на скопскиот Аеродром каде беше пречекан од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и стотици навивачи, членови на неговото семејство, претставници на неговиот клуб „Бутел“.
– Благодарност до сите за поддршката. Чувството е одлично. Премногу сум уморен. Покана вечер да дојдете да го прославиме овој успех кој не е само за мене, туку за цела Македонија – истакна во своето кусо обраќање медалистот.
Тренерот Дарко Костовски е задоволен од постигнатиот резултат и најави нови успеси.
– Ни следува Светско првенство во Кина. Се надеваме дека ќе му се реваншираме на Русинот во многу скоро време – истакна Дарко Костовски.
Неговиот брат Борче, кој го водеше Георгиевски на борбите рече:
„Радувај се Македонијо, испишавме историја“.
Дејан Георгиевски и неговиот тим предводен од тренерите Дарко и Борче Костовски со отворен двокатен автобус од аеродромот се упатува кон Скопје, каде што таеквондистот ќе одржи прес-конференција и ќе има прием во Агенцијата за млади и спорт.
Главната прослава за освоениот сребрен медал на Олимпијадата во Токио е закажана за вечер од 19:30 часот на скопскиот плоштад.