
Додека власта се слика на приватната прослава во Крушево, пожар уништува куќи во Кочани, реагира ВМРО-ДПМНЕ, откако попладнево стана драматична ситуацијата со пожарот во Кочани.
Шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија. Како што имформираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско. Пожар има и во села во Македонски Брод и во општина Липково околу Белановце. Пожер вечерва беснее и над Катланово.
Надлежните информираат дека причини за пожарите се топлото време и човековиот фактор.
Во Ранковце пожарот се проширил од шума во дел од населените места Радибуш и Отошница, при што биле опожарени дел од куќите, изјави градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски посочувајќи дека големата стихија се заканува да се прошири и кон останатите села на општината.
Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вечерва изјави дека 13 активни пожари беснеат низ земјава, а дека некоолку од нив се исклучително сериозни.
„Најсериозна е состојбата во Старо Нагоричане каде огнот е стигнат речиси до куќите во селата Кокино и Степанце. Овде дејствува и армиски хеликоптер, а со наредба на врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, помош при гаснењето на пожарите ќе даде и пешадијата на Армијата“, изјави Ангелов за телевизија Телма додавајќи дека „скоро сите пожари се предизвикани од човеков фактор.“
Пожари има и на две локации околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Од пожар зафатени се шумите во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење, според противпожарните единици.
Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.
Борова шума гори и меѓу општините Делчево и Пехчево, потврдува Територијалната противпожарна единица во Делчево.