
Пожарот од Пехчевско е префрлен кон Беровско и во моментот гори борова шума над селото Будинарци. Селото е добро обезбедено со тампон зона и соодветна механизација и опрема, соопшти вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Пред малку ветрот кој дува со променлива јачина, го смени правецот и сега огнот почна да се оддалечува од селото. Покрај локалното население во обезбедувањето на селото учествуваат и пожарникари со цистерни од локалната самоуправа, а во непосредна близина на селото се наоѓаат и 45 австриски пожарникари со девет цистерни, како и дополнителна опрема и луѓе од Национални шуми. Во целиот овој регион се концентрирани уште многу сили, а попладнево дејствуваа и три хелихоптери кои рано наутро ќе продолжат со гаснење на пожарот“, напиша Ангелов на Фејсбук.