
Во четвртфиналето, во категоријата до 97 килограми, Нуров загуби од Кубанецот Реинерис Салас Перес. Иако Нуров важеше за фаворит и четврторангиран меѓу своите конкуренти, Кубанецот славеше со 6-4, благодарение на одлично одработената прва рунда, во неа направи добар зафат, како контра-напад на обидете на Нуров и освои четири поени. Нуров изедначи на 4-4 во втората рунда, со двапати по два поена, но Салас Перес го врати водството и го сочува до крајот.
Претходно, во осминафиналето Нуров го победи Мохамед Садауаи со 5-0.
Правилата велат дека, ако Кубанецот Салас Перес се плсира во финалето, ќе ги повлече оние кои загубиле од него во осминафиналето и четвртфиналето за да ја продолжат борбата за бронза преку репасаж. Меѓутоа, прашање е такво нешто колку е остварливо, бидејќи во за да стигне до финалето Кубанецот треба да го совлада најдобриот на светот во оваа категорија, Русинот Абдулрашид Садулаев. Нивното полуфинале на програмата е во 11.15 часот, па тогаш Нуров ќе знае дали ќе продолжи да се надева или за него настапот во Токио е дефиитивно завршен.
Ако дојде до сценарио Салас Перес да го совлада Садулаев, тогаш на Нуров би му требале две победи за бронза, една против Александар Хуштин од Белорусија и втора против Садулаев. Тој е осмиот и последен претставник на Македонија на Игрите во Токио, кои завршуваат в недела.