
Министерството за надворешни работи соопшти дека грчкиот остров Евиа каде беснеат пожари во неделата безбедно го напуштиле 38 од 39 туристи наши државјани, а еден останал и е сместен во безбедниот јужен дел од островот.
– Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина стапи во контакт со неколку тур-оператори од Македонија кои оперираат на територијата на Грција и имале аранжмани за островот Евиа. Во неделата, на 8 август, на островот се наоѓале 39 туристи од Македонија. 38 од нив безбедно го имаат напуштено островот, се упатиле кон други одморалишта или им завршил аранжманот и се вратиле во Македонија. Додека едниот наш државјанин, кој останал на островот Евиа е сместен во јужниот дел на островот Евиа (во моментот безбедно место). Амбасадата стапи во контакт со лицето и во моментот нема опасност од пожари во делот каде е сместен – наведуваат од МНР.
Министерството за надворешни работи, претходно, денеска упати апел за претпазливост при патување или престој во Грција поради ситуацијата со пожарите и информира дека досега ниту еден наш државјанин не побарал помош. При евентуална потреба се упатуваат нашите државјани да ги контактираат Амбасадата на Северна Македонија во Атина (+ 30 694 52 82 251, +30 695 51 91 321, +30 694 47 43 071,+30 210 67 49 585) и Генералниот конзулат во Солун (+30 698 72 00 410).
– Hашите претставништва во Грција се во континуирана комуникација со надлежните грчки институции и за сите добиени информации навремено ќе виде запознаена јавноста – наведуваат од МНР.
Жителите на повеќе села на грчкиот остров Евиа, каде што пожарите сѐ уште не се ставени под контрола, ноќта ја поминаа заедно со пожарникарите, во обид да го ограничат ширењето на пожарот, а во други села пак, во обиди да постават барикади за да спречат огнената стихија да стигне до нивните куќи и имоти, јави дописничката на МИА од Атина.
„Младите динамично се организираат. Интервенираат каде што има мали жаришта и ги ослободуваат противпожарните сили за гасењето на главните жаришта“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Истиеа-Едипсос Јанис Конѕијас.
Претпладнево, жителите на областа Асимини, од бројот за итни случаи 112 добија порака да се евакуираат.
Според противпожарната служба на Грција, во северниот дел на Евиа во пожарите интервенираат 873 пожарникари со 50 пешадиски тима и 229 возила, вклучително и силите што беа испратени од други земји.
На островот се 40 пожарникари со две возила од Кипар, 39 пожарникари, 14 возила и брза помош од Србија, 100 пожарникари од Украина, 75 пожарникари со 30 возила од Словачка и 143 пожарникари со 46 возила до Полска.
За интервенција од воздух, на располагање се 14 хеликоптери, од кои три се од Србија, два од Швајцарија и два од военото воздухопловство на Египет.
Пожарот во северниот дел на островот Евиа избувна на 3 август.