Неделковски на информативен разговор: Има ли некој повеќе повикуван во полиција за слобода на говор?

Во текот на вчерашниот ден, во домот на новинарот Миленко Неделковски упаднала полиција, во обид да го приведе, поради извршување информативен разговор, на барање на oдделот на MBP задолжен за компјутерска форензика. Неделковски денеска требало да се појави на информативен разговор во 11.30 часот.

За сево ова Неделковски детално зборува во видео на својот канал на Јутјуб.

– Ова доаѓа во период кога државата гори во пламен, кога вадат „фапови“ стари по 60 години кои наводно биле возобновени, а тие на распаѓање. И во моменти кога се спрема голем народен собир, големо народно незадоволство сега викендов, во врска со фашистичко-нацистичките мерки што оваа Влада ги донесе на својата последна седница, а ќе се применуваат на 16-ти, еден ден подоцна од битниот ден за муслиманите – вели Неделковски.

Новинарот потенцира дека овие мерки се дискриминирачки, сегрегациски и тие кои ги носат овие мерки не се разликуваат ниту од Хитлер, Гебелс, ниту од Сталин, Берија, ни од најмачните времиња на УДБА и КОС.

За крај, тој истакна дека не ги признава ниту судот, ниту обвинителството, ниту полицијата.

– Утре ќе е судирот меѓу мене и еден дел од тие што сакаат да го замолкнат говорот, да ја замолкнат вистината. Има ли некој што е повикуван во полиција повеќе од мене за слобода на говор, за изречена реч? За она што на пример Шанац се извини, уцвика, или за она што му го прогледуваат низ прсти на Бранко Тричковски? Мене ме гонат за еден збор, за реченица, за дума – вели Неделковски.