
За 24 часа, во периодот од 19 часот во средата, до истото време вчера, во Грција биле регистрирани 106 шумски пожари, а речиси сите биле ставени под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарните сили, како од Грција така и од другите земји кои испратија помош, сè уште се во северниот дел на Евија и западниот дел на Пелопонез, и покрај тоа што ситуацијата со пожарите е веќе смирена и речиси и да нема активни жаришта.
Во близина на местото Гуртина на Пелопонез, каде што во изминатите денови пожарот неконтролирано се ширеше и беше закана и за домовите, сега веќе е под контрола, иако и во текот на ноќта беше потребна интервенција од пожарникарите за да се спречи разгорување на малите жаришта.