Косовската јавност поделена за прифаќањето на бегалците од Авганистан

Косовската претседателка Вјоса Османи потврди дека на барање на САД во Приштина во тек се подготовките за прифаќање на авганистанските бегалци, додека тамошните аналитичари предупредуваат на безбедносниот ризик од можно инфилтрирање на талибаните, пренесуваат медиумите во регионот.

Претседателката Османи, како што наведува известувачот на Радио-телевизија Србија (РТС) од Приштина, соопшти дека граѓаните на Авганистан, каде што радикалното исламистичко движење Талибан во неделата ја презема контролата и неговите борци влегоа во главниот град Кабул, ќе минат безбедносна процена на САД а дека на Косово ќе престојуваат привремено, „додека не се прилагоди нивната документација за заминување во САД“.

Владата во Приштина веднаш по барањето од Вашингтон формирала работна група која се занимава со организациските прашања заедно со американските партнери, рече Османи.

Додаде дека американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, на 16-ти јули ѝ го проследил барањето од претседателот на САД, Џозеф Бајден и од државниот секретар Ентони Блинкен, Косово да овозможи привремено засолниште на авганистанските цивили кои се цели на талибаните, како и на локалните службеници ангажирани во работата на американските сили и на западните сојузници.

Правдајќи ја одлуката за прифаќање на авганистанските бегалци, Османи наведе дека „никој не знае подобро (од косовците) што значи да се биде прогонет и да се напушти местото на кој си израснал и да се биде присилен да бегаш за да се спаси животот“.

Меѓутоа, истовремено јавноста на Косово е поделена во врска со најавата на прифаќањето на авганистанските бегалци.

Меѓу бројните коментари на различните аналитичари, доминираат и предупредувањата дека „Косово има обврска да одговори на повикот на САД“, но и дека „приливот бегалци е безбедносен ризик за Косово“, особено поради очекуваното уфрлање на талибаните, пишува порталот Kossev.

Нуредин Ибиши, претставен во косовските медиуми како експерт за безбедносни прашања, вели дека во одлуката за прифаќање на бегалците гледа „елементи на инфилтрација на талибаните и вознемирувачки елементи“.

„Гледам дека ризикот е многу голем, различни луѓе може да се инфилтрираат во овој бегалски бран, но не гледам и дека тоа можеби ќе биде само привремено“, изјави Ибиши за телевизијата TV Klan Kosova.

Неговиот став го споделува и Дризан Шаља, кој прифаќањето на бегалците го гледа како „добра работа во хуманитарна смисла“, меѓутоа сугерира претпазливост.

„Во долготрајниот процес постои опасност за Косово дека ќе има инфилтрација на талибаните меѓу цивилното население и дека тоа тогаш ќе има последици“, рече Шаља.