Шефовите на дипломатиите на НАТО во петок ќе дискутираат за Авганистан

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, свика за петокот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки, додека западните сили и натаму се во шок од брзината со која талибаните успеаја да ја преземат власта во Авганистан.

Состанокот кој ќе се одржи онлајн ќе претставува можност „да ја продолжиме нашата тесна координација и да го разгледаме нашиот заеднички пристап во однос на Авганистан“, објави Столтенберг на Twitter во средата.

Алијансата е соочена со тешките прашања откако радикалното исламистичко движење Талибан ја презема целосната контрола над Авганистан по повлекувањето на силите на НАТО од земјата по две децении. САД, со чијашто инвазија во 2001 година талибаните беа соборени од власта, од почетокот на мисијата беа поддржани од сојузниците во пактот.

Столтенберг во вторникот го обвини поранешното раководство на Авганистан за брзиот колапс на нивните вооружени сили, кои беа поддржани од Запад, но призна дека НАТО мора да ги отстрани недостатоците на сопствената програма за воена обука.

Министрите за надворешни работи мораат да дискутираат по низа прашања, вклучително и за евакуацијата којашто е во тек. Но, исто така, како сојузот да се постави кон талибаните.

НАТО претходно вети продолжување на поддршката за авганистанскиот народ и покрај военото повлекување. Алијансата го задржува цивилното присуство во Аганистан, но на теренот веќе нема да има ниеден војник, рече Столтенберг во вторникот.

Земји членки на НАТО, во прв ред САД и Велика Британија, сзѐ уште имаат војници во Авганистан, главно за да го обезбедуваат аеродромот во Кабул и да ги кооринираат евакуациските летови.

НАТО ги предводеше меѓународните безбедносни напори во Авганистан од 2003 година, но од 2014 година се фокусираше на обука на силите на земјата. Алијансата помогна во создавањето на авганистанската армија, која броеше околу 300.000 припадници, но таа воопшто не се спротивстави на талибанските екстремисти кои минатата недела ја презедоа контролата врз речиси целата земја.