
Актуелниот англиски фудбалски шампион Манчестер Сити во второто коло од новата сезона на својот терен го декласираше новајлијата во Премиер лигата Норич Сити со 5:0, додека фудбалерите на Ливерпул и Брајтон во саботата ги остварија и вторите победи.
Притисокот на манчестерските „Граѓани“ резултираше со водство уште во 7 минута, кога топката од голманот на гостите Тим Крул се одби во мрежата. Новото скапо засилување на Сити, Џек Грилиш во 22 минута зголеми на 2:0. Во вториот дел стрелци за домашните беа Емерик Лапорт во 64, Рахим Стерлинг во 71 и Ријад Марез во 84 минута.
Претходно Ливерпул на својот „Енфилд“ со совлада Барнли со 2:0. Погодоците за втората победа во новата сезона ги постигнаа Диого Јота во 18 минута со глава по одличниот центаршут на Цимакас и Садио Мане во 69 минута, кој со волеј ја круниса течната акција.
Со истиот резултат пред своите навивачи славеше и Астон Вила над Њукасл. Пропустите на гостинската одбрана ги искористија Дени Ингс во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, и Анвар ал-Гази во 62 минута од пенал.
Без победник и без голови заврши натпреварот меѓу Кристал Паласа и дебитантот Брентфорд.
Евертон остана непоразен и по вториот меч од новата сезона отокао на гостувањето кај Лидс Јунајтед одигра 2:2, иако гостите од Ливерпул двапати беа во водство.
Евертон поведе во 30 минута од пенал кој го реализираше Доминик Калвер-Левин, а за Лидс израмни во 41 минута Матеус Клих. Гостите повторно дојдоа во предноста во 50 минута кога погоди Демараи Греј, но во 72 минута израмни Рафиња.
Во последниот саботен натпревар Брајтон уште во првиот дел со два погодока го реши прашањето на победникот во дуелот со Вотфорд. Стрелци беа Шејн Дафи во 10 и Нил Мопаи во 41 минута.
Во недела на распоред се мечевите: Саутемптон – Манчестер Јунајтед, Вулверхемптон – Тотенхем и лоднонското дерби Арсенал – Челзи, додека колото ќе го затвори во понеделник дуелот меѓу Вест Хем Јунајтед и Лестер Сити.