Странските војски да заминат од Авганистан до 31 август за да „нема проблеми“, порачуваат талибаните

Претставникот на талибанците, Мохамед Наим, изјави дека нивната главна цел е мирно да ги решат сите проблеми, но дека Американците и другите странски војници мора да заминат од земјата на време.

Објавивме општа амнестија за владините претставници во Авганистан. Тоа е еден од чекорите. Ние исто така водиме мирен дијалог за решавање на проблемите што постоеја претходно. Преговаравме со американските власти и постигнавме договор што светот го гледа денес. Постигнавме договор странската војска да ја напушти нашата земја. Нашите главни цели и први чекори се дијалог и мирно решение на секој проблем. Таквата политика беше успешна. Мирниот процес доведе до тоа луѓето сега да бидат обединети – изјави Наим во ексклузивно интервју за „Спутник“.

На прашањето како ја оценува одлуката на САД да го помести датумот на повлекување на војската, Наим вели дека талибанците не очекувале да се помести датумот на конечното повлекување од Авганистан.

Не го прифаќаме тоа. Датумот беше договорен со САД и поддржан од Советот за безбедност на Обединетите нации. Сепак, САД еднострано го поместија датумот и ние тоа категорично не го поддржуваме. Мораат да го испочитуваат рокот. Земјата се промени за 100 проценти и не е во нивен интерес да останат тука. Мораат да си заминат навреме, за да нема нови проблеми – порача Наим.