Вечерва почнува јубилејното издание на СВП, поради пандемијата не допатува Карол Ен Дафи, добитничката на „Златен венец“

На кејот на реката Црни Дрим поставени се знамињата на државите од каде што доаѓаат поетите учесници на годинешново 60-то по ред јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата. Но, поради ситуацијата со ковид, најпознатиот дел од фестивалот, меѓународното поетско читање „Мостови“, кое по традиција се одржуваше на “Мостот на поезијата” на реката Црни Дрим, ќе се одржи на отворената тераса во хотел Дрим исто како и свеченото отварање, кое се одржуваше пред платото на Центарот за култура.

Изостастана и традиционалното садење на дрво во Паркот на поезијата, нешто кое го правеше добитникот на највисоката награда на фестивалот Златен венец на Струшките вечери на поезијата, непосредно пред официјалното отварање. Поради пандемијата и британската поетеса Керол Ен Дафи годинешна добитничка на Златниот венец, не дојде во Струга. Таа ќе има само видео обраќање. Нејзиното доаѓање е најавено за наредната година на фестивалот.

Во Струга присутни се 30-тина поети од кои половината се од странство. Струга точно шест децении живее за и со Струшките вечери на поезијата, најголемата поетска манифестација во земјава и меѓу најпознатите во светски рамки.Од фестивалот велат, во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали биле откажани или одложени, добро е што Струшките вечери на поезијата ќе го зачуваат континуитетот на одржување, кој почнувајќи од 1961-ва година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.