Најголемиот тематски парк на „Universal Studios“ ќе биде отворен во Пекинг

Од „Universal Studios“ го претставија во Пекинг својот најголем забавен парк на светот, кој во средата беше отворен за гостите со покани, а за јавноста своите врати ќе ги отвори на 20-ти септември.

Тематскиот парк „Universal Beijing Resort“ е сместен во квартот Тонгжу, околу 30 километри од центарот на кинеската престолнина. Содржи два големи хотела, 24 сцени и 37 атракции на популарни теми од филмовите како што се Хари Потер, Трансформери, Кунг Фу Панда, Јура Парк и Воден свет, како и 80 ресторани и 30 продавници.

Во „Universal Studios“ се надеваат дека секоја година паркот во Пекинг ќе го посетуваат десет милиони посетители. Според медиумите, вложувањата во пекиншката атракција чинеле околу 50 милијарди јуани или 6,52 милијарди евра.

„Universal Studios“ веќе има тематски забавни паркови во Холивуд, Орландо, Сингапур и во јапонска Осака.

Отворањето беше одложено за неколку месеци поради пандемијата на коронавирусот. Иако коронаинфекциите во Кина се под контрола, посетителите во Пекинг мора да носат заштитни маски поради претпазливост и да ја покажат апликацијата за здравствената состојба на мобилниот телефон, како потврда дека не претставуваат закана со зараза, мора да мерат температура и да одржуваат физичката дистанца.