
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел го осуди обидот за државен удар во Гвинеја и ја повика војската итно да го ослободи претседателот Алфа Конде.
– Го осудувам насилното преземање на власта во Гвинеја и повикувам на итно ослободување на претседателот Конде, напиша Борел на Твитер. Тој ги повика сите политички сили во земјата да го почитуваат „владеењето на правото, интересите на мирот и благосостојбата на луѓето во Гвинеја“.
Елитните специјални сили на Гвинеја, предводени од полковникот Мамади Дамбуја, вчера влегоа во владиниот кварт на Конакри и ја нападнаа претседателската палата, изјавија очевидци. Лидерот на бунтовниците Дамбуја се појави на националната телевизија и објави за апсењето на претседателот Конде, распуштање на владата и укинување на Уставот на земјата.