
Само петтина од жителите на Европа и натаму се чувствуваат потполно слободно во секојдневниот живот, што претставува голем пад во однос на периодот пред пандемијата на коронавирусот.
Истражувањето на Европскиот совет за надворешни работи, претставено претходно во септември, покажало дека 22 отсто од испитаниците се чувствуваат сосема слободни, а пред две години истиот показател изнесувал 64 проценти.
Истражувањето било спроведено во мај и во јуни годинава и опфатило 16.000 жители од 12 европски земји.
Резултатите покажале дека најслободни се чувствувале Унгарците, 41 отсто одговориле дека се чувствуваат целосно слободни, и Шпанците меѓу коишто овој показател изнесува 38 отсто.
На спротивниот крај се Германците со само 11 отсто, иако имаат многу помалку ограничувања во однос на некои други европски земји, а веднаш зад нив се Австријците со 15 отсто.
На европско ниво 40 отсто од испитаниците како одговорни за кризата ги посочуваат владите и институциите, најмногу во Полска, Унгарија и Франција, а најмалку во Холсндија, Данска и Австрија.
Меѓута, доста се и оние кои за кризата ги обвинуваат „членовите на заедницата кои не ги следат прописит“. Такво мнозинство има во Австрија, Бугарија, Данска, Холандија, Германија, Португалија и Шведска.
Истражувањето покажало и дека речиси две третини од повозрасните од 60 години „не се чувствуваат лично погодени од пандемијата“, иако се свесни дека вирусот може да претставува закана за нивниот живот.
Спротивно е, пак, меѓу младите кои пандемијата во мнозинство ја сметаат како закана за нивниот начин на живеење, а 40 отсто од помладите од 30 години сметаат дека рестриктивните прописи се „изговор на владите за јакнење на контролата врз јавниот живот“.