Села: 14 лица живи изгореа, владата треба да престане со заканите кон членовите на семејството и лекарите

Шефот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села преку објава на социјалната мрежа Фејсбук побара од владата да не врши притисок и како што рече закани кон семејствата на жртвите од трагедијата во модуларната болница во Тетово, пренесува телевизијата Алсат.

Села пишува дека „владата се обидува да се амнестира од одговорност преку закани и уцени“.

„Ибн Емшиу, младиот човек кој ги загуби таткото и братот во пожарот, пријави дека му се закануваат да не зборува и да ја каже вистината за условите и пожарот во Модуларната болница во Тетово. Од друга страна, некои лекари пријавија дека се врши притисок да потпишат петиција во одбрана на еден од директорите на тетовската болница, во ист стил како и обидот на директорите на скопските клиники да го спасат Филипче. Ве повикувам итно да престанете со таквите притисоци, оставете ги истражителите да ја завршат својата работа без политичко мешање. Почитувајте ги жртвите и нивните семејства, како и медицинскиот персонал што веќе сте го оставиле да работи во сурови услови“, напиша меѓу другото Села.