
Опозициската левица којашто ја предводи лабуристот Јонас Гар Стoре е победник на парламентарните избори во Норвешка во понеделникот на коишто доминираше прашањето на експлоатацијата на нафтата а премиерката Ерна Солберг во телефонски разговор со него го призна поразот.
Петте опозициски партии би требало да освојат на крајот 104 од 169-те мандати во Стортингот, еднодомниот норвешки парламент, доволни за соборување на конзервативната десничарска коалиција предводена од Ерна Солберг, според проекциите од предвремените избори.
Премиерката Солберг му се јавила на Стoре честитајќи му ја победата, пренесе весникот Aftenposten кој се повикува на неименувани извор.
Со сегашните 88 мандати лабуристите на Сторе се на пат да обезбедат апсолутно мнозинство со сојузниците Партијата на центарот и Социјалистичката левица, и нема да им бидат потребни другите две опозициски партии, еколозите од MDG и комунистите од Црвената партија.
Тоа би требало да ги поедностави преговорите за формирање на идната коалициска влада, за коишто се претпоставуваше дека ќе бидат долги и тешки.
Имено, MDG ја условуваше својата поддршка со моментално запирање на истражувањето на наоѓалишта на нафта во земајта којашто е најголем извозник на јагледоводороди во западна Европа и кои значително придонесуваат за нејзиното богаство и благосостојба. Зелените, исто така, сакаат веднаш да се запрат дупчењата на наоѓалиштата и да се запре производството до 2035 година.
Стoре, 61-годишен милионер, ги отфрли и двата ултиматума, велејќи дека сака да се бори против глобалното загревање без загрозување на работните места. Тој ја водеше кампањата против социјалните нееднаквости и се залага, како и неговите конзервативни противници, за благо и постепено излегување од ткн нафтена економија.
„Паѓа побарувачката на нафтата. Тоа се случува самото посебе, според пазарните законитости. Треба да изградиме мостови кон идните активности. Ќе продолжиме со нафтените активности, но мораме да признаеме дека најдобрите нафтени години се зад нас“, истакна лабуристичкиот фунцкионер за енергетски прашања Еспен Бард Еиде.