
Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација во еднодневна работна посета на Тирана каде ќе се остварат средби со канцеларката на Германија, Ангела Меркел, и лидерите од земјите на западен Балкан.
Како што информираат од владината прес-служба, работната посета на албанската престолнина е на покана на Меркел.
„Согласно агендата, во текот на попладнето претседателот на Владата Заев, заедно со заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат билатерална средба со канцеларката Меркел“, се наведува во владиното соопштение.
Во рамките на оваа еднодневна работна посета, премиерот Заев ќе го посети и Македонскиот културен центар во Тирана.