Судот му дозволил на Рашковски да излезе од притвор за да оди на лекар

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека на ексгенреалниот секретар на Владата, Драги Рашковски му било дозволено да излегува од куќен притвор за да оди на лекар.

-Соопштија органите дека има дозвола од суд, во точен период кога да оди на лекар. Тоа го прочитав од медиумите. Ниту знам зошто е виден да оди слободно или не. Знам дека е точно предвидено колку пати во неделата е дозволено да оди на лекар поради здравствени причини, рече Заев.

Вчера беше објавено дека Министерството за внатрешни работи соопшти дека Драги Рашковски има дозвола од Основен кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга.

-Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот (освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот) Драги Рашковски ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Драги Рашковски ја почитувал мерката која му е изречена, соопшти МВР.