Андоновски: СДСМ злоупотребува државни објекти за рекламни паноа како Комунистичката партија на Северна Кореја

Барокот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов очигледно не му пречи, а особено не кога треба неговиот лик да ја украси барокната зграда, забележа во неделата Стефан Андоновски, член на Извршниот комитет на опозицската  ВМРО-ДПМНЕ

Како што во саботата објави НетПрес, Петре Шилегов, и кандидатот на СДСМ за Центар, Горан Герасимовски, поставија огромни пропагандни паноа, но не на приватен билборд, туку на зграда во државна сопственост.

„Врз основа на кој закон е дозволено имотот на општините и државата да стане рекламно пано на СДСМ? Дали ова рекламно пано било понудено на сите политички партии да можат да се рекламираат? Или на државен имот, имотот на граѓаните, право на реклама има само и исклучиво на СДСМ?“, праша Андоновски.

Порача дека ВМРДО-ДПМНЕ нема да дозволи владејачката СДСМ да се однесува како Комунистичката партија на Северна Кореја.

„Исто како во комунистичките режими низ светот, Петре Шилегов сака да ја покрие сопствената неспособност и неработа поставувајќи огромни слики од кои сите треба да сме одушевени. Напротив, големите лаги не можат да бидат покриени со големи слики“, додаде Андоновски.

Оцени дека таквата агресивност на СДСМ само ја покажува слабост и стравот од пораз во лвадејачката партија.

„Затоа на овие избори ќе победат граѓаните на Скопје. За СДСМ доаѓа силен пораз од сите луѓе на Македонија. А за оваа злоупотреба ќе има одговорност. И за оние кои тоа го дозволиле, и за оние кои ги поставиле овие пропагандни реклами. 17ти октомври е блиску, институциите ќе се ослободат од канџите на власта, а одговорност за ова дивеење ќе има“, порача Андоновски.